Additional Info

  • Календар во претстава:
    Март
    П В С Ч П С Н
    26 27 28 29 1 2 3
    4 5 6 7 8 9 10
    11 12 13 14 15 16 17
    18 19 20 21 22 23 24
    25 26 27 28 29 30 31

Најава

Луди за љубов

од Сем Шепард
Режисер: Деан Дамјановски

Премиера - 26.9.2018

„Вљубувањето е зачудувачко искуство – од една страна не би го менувале за ништо на светот, од друга, тоа е вистински пекол“

- Сем Шепард, автор

Во ерата на едноставни и практични прирачници за „среќа“, „слобода“, „љубов“ и што ли уште не, наоѓам дека е добро да се погледне и опачината на овие поими, кои, некако по дефиниција ги прифаќаме за „позитивни“. Оттука и „Луди за љубов“, драма во која Сем Шепард ги поставува ликовите на Еди и Меј, да лутаат без конецот на Аријадна во темниот лавиринт на сопствените емоции, за да се најдат еден со друг. Во таа потрага по својата „друга половина“, тиe полека ја раскриваат природата на љубовта, која, за нив постои само во невозможноста за нејзино остварување.

- Деан Дамјановски, режисер

 

Сем Шепард (1943-2017): Заводникот од американскиот запад
Сем Шепард важи за еден од најпознатите и најплодни современи американски драмски писатели. Напишал речиси 50 драми и доживеал да ги види како заживуваат насекаде на американското тло. И тоа на широко разноврсни локации кои вклучуваат кафулиња во Гринич Вилиџ, регионални професионални и аматерски театри, кампуси на колеџ, па сѐ до сцените на и ОФ Бродвеј. Неговите драми редовно влегуваат во соодветните антолошки изданија, а студиите по театар го изучуваат како амблематски автор на американското драмско писмо.

Уште со неговите најрани дела, Сем Шепард се етаблира како лидер на авангардата во современиот американски театар. Не е едноставно да се категоризираат делата од неговиот опус, кои се најчесто комбинација од див хумор, гротескна сатира, митски теми и шкрт, но моќен дијалог. Фокусирани на тоа да го претстават неговиот субверзивен поглед на американскиот начин на живеење, тие, се случуваат, главно, навидум никаде, но идејно се длабоко втемелени во правот на американските рамнини. Неговите ликови најчесто потекнуваат од длабоко разнишани и проблематични семејства и се осамени, изолирани луѓе, скитници фатени меѓу митски обременетото минато и механизираната сегашност.

Освен како драмски писател, Сем Шепард доживува светска слава и како актер, сценарист и режисер во филмската индустрија. Низ кариера која се протега речиси 40 години, се здобил со критичка потврда, медиумско внимание и статус на икона како ретко кој друг во американскиот театар. Носител е на 45 номинации за награди и признанија, а добитник на 24, меѓу кои и Пулицеровата награда за најдобра драма за „Закопаното дете“ во 1979.
Дивата, заводничка природа која ја манифестира на филмското платно, несомнено придонесе за мала доза на симпатично претерување при проценката на важноста на неговата позиција во историјата на современата драма. Па сепак, без сомнеж може да се тврди дека тој исклучително резонантно ѝ се обраќа на американската публика, а мотивите од неговите драми веќе длабоко се вкоренети во американската, па и европска културна имагинација.

Сем Шепард ја напишал „Луди за љубов“ брзо по разводот со неговата жена О-Лан. Во писмото што го испраќа до Џо Чајкин, кој му бил пријател и близок соработник, Шепард ја опишува својата драма како „продукт на заглушувачкото чувство низ кое поминував минатава година... текстот е многу емоционален и е по малку засрамувачко лично сведоштво, но и нужно, истовремено.“

- Александра Бошковска, драматург

Автор: Сем Шепард
Режија: Деан Дамјановски
Музика: Миодраг Неќак
Автор на композиција: Јана Стојановска
Сценографија: Ѓорѓи Ѓорѓиевски
Костими: Елена Вангеловска

Меј - Јана Стојановска / Благица Димитровска
Еди - Филип Трајковиќ
Старецот - Анастас Тановски
Мартин - Кристијан Светиев

Инспициент: Жарко Намичев
Суфлер: Даница Илиева
Пиротехничар: Методија Најдоски
Светло – мајстор: Дејан Блажевски
Тон – мајстор: Саше Ѓорѓиев

Премиера: 28.09.2018