ВРВНО АКТЕРСТВО

8 Јуни 2021

 

Karmen seceni3

Тенденцијата за се поголемото свртување кон жанрот на монодрамата во европскиот театар во последните неколку децении, со актуелната светска пандемија станува уште поинтензивна. 

( „Кармен“ по мотиви од „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес; монодрама на актерката, Билјана Драгичевиќ – Пројковска; драматизација и режија, Дејан Пројковски; Продукција,  Драмски театар Скопје; премиера, мај 2021г.)

Тенденцијата за се поголемото свртување кон жанрот на монодрамата во европскиот театар во последните неколку децении, со актуелната светска пандемија станува уште поинтензивна. Овој процес за негување на камерните театарски форми евидентен е и кај нас.

Една од последните пројави на оваа тенденција секако е и монодрамата „Кармен“ на актерката Билјана Драгичевиќ Пројковска, а во драматизација и режија на Дејан Пројковски. Режисерот Пројковски заедно со своите соработници созадава комплексна и комплетна претстава со соодветно значење и место на сценографијата (Валентин Светозарев), музиката (Горан Трајковски), костимографијата (Раде Василев), сценски движења (Олга Панго). Основна и доминатна визура и атмосфера на режијата и останатите сегменти е црната траурна гама. Станува збор за речиси реалистична реконструкција на домот на штотуку починатиот Марио, сопругот на Кармен. Режисерот Пројковски со своите интервенции ( и преку мизансценот) на моменти ја разбива траурната атмосфера преку прозорците и вратата како излез, надеж, слобода.

После низата на значајни ролји на својата матична сцена во Драмскиот театар  кои ја легитимираат како една од водечките актерки во земјава, Билјана Драгичевиќ Пројковска се впушта во авантурата наречена монодрама. Формата на оваа нејзината прва монодрама е исповедна. Тоа значи, дека преку монологот таа ни овозможува поглед во внатрешниот свет на нејзиниот лик. Станува збор за моментот кога ненадејната смрт на нејзиниот маж Марио ќе биде импулс за нејзината провокација за рекапитулација, како на филмска лента, на нејзиниот живот, промашен по сите основи! Виновник – покојникот! Значи пред нас е една и незадоволна и незадоволена жена! Распукнува по сите шевови, експлодира. На сцената настанува мешаница од чувства, страсти, но во актерската креација на Пројковска тие се извонредно организирани и мајсторски пласирани. Освен своите личните ставови и односи на ликот, односно на Кармен, преку нејзиното ламентирање попатно се реконструира и пошироката слика на шпанското општетство, па така дејството се ситуира од социјален, идеолошки и секаков друг аспект. Тоа е време односно живот во околности на поделеност помеѓу ројалистите и републиканците (кај нас тоа би било поделба на патриоти и предавници), а притоа нејзиниот починат сопруг секогаш ја бира погрешната (читај – губитничка) страна, повлекувајќи ја во таа небиднина и неа односно семејството. Така, нејзината желба и копнеж по „фиќото“ ќе остане неостварлива, само мислена и пуста. А, тука се и оние интимните, ласцивни пориви, незаситната сексуална потреба и „влажните“ соништа (како, на пример, за Пако со неговиот ситроен – жаба, но и за други додворувачи, уште подобро ако се и помлади). Арно ама, овие слатки овошја само делумно ќе бидат вкусени, затоа што таа, Кармен, замислете, има свои ПРИНЦИПИ!

Сите овие ситуации Пројковска ги игра со вешти трансформации оставајќи впечаток на суверен господар на сцената. Наизменично таа е страствена, нежна, потиштена и тажна, па фурија која „диво“ танцува по сцената не оставајќи сомнеж во она што го мисли и што го прави. Кармен односно Пројковска прави „парампарче“ од сите вредности и доблести (убав пример е играта со книгите), така што со својата некритичност, нападност и простаклук израснува во гротескна фигура, фигура односно жена за која целиот свет е изместен и несоодветен. Својот лик го „закитува“ со една фарсична распојасаност. Еротична, страствена, мрзоволна или весела, Пројковска е секогаш посветена и уверлива во својата креација на ликот на обична  дрдорка од пред селска чешма. Актерски моќна и стамена со својот креативен импулс и творечка ведрина таа ја разбива загушливата и траурна атмосфера. Во ниеден момент не ја минува границата и затоа заеднички именител на сите сцени и ситуации е чувството за мера. Трансформациите на ликот на Кармен го покажуваат актерскиот дијапазон на Б. Д. Пројковска – дијапазон со океанска длабочина и небесна широчина!

Подготвил: Тодор Кузманов - Театарска критика

Извор: teatarskikritiki.wordpress.com

линк

Септември
П В С Ч П С Н
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3

Рута Група Триглав


Ruta Grupa Triglav

Огласи

Следни претстави